Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го обвини го поранешното раководство на СДСМ, предводено од Зоран Заев и Венко Филипче, за организиран рекет и злоупотреба на институциите додека биле на власт.

Од партијата наведуваат дека исказите на д-р Жан Митрев за наводно преземање на неговата Клиника се „уште еден доказ за мафијашкото владеење на СДС на чело со кланот Заеви и нивниот спотер, кој ја чува фотелјата на „Бихаќска“, Венко Филипче“.

Во партиското соопштение се тврди дека во најтешките моменти за граѓаните, врвот на тогашната власт профитирал.

„Во екот на ковид-пандемијата, кога граѓаните се бореа за живот, Заев како премиер и Филипче како министер за здравство ја користеле кризата за да профитираат. Заев и Филипче ги злоупотребиле институциите на државата за да вршат притисок, рекет и уцени со намера да ја преземат приватната болница ’Жан Митрев‘“, се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ оди понатаму со детали за наводната шема, тврдејќи дека на сопственикот му била нудена „заштита“ во замена за сопственост.

„Заев и Филипче, освен притисокот и уцените, ветиле и ’помош во судски процеси‘ во замена за удели. Тандемот Заев и Филипче се обиделе болницата да биде откупена по цена далеку пониска од нејзината реална пазарна вредност, што претставува организиран грабеж“, обвинуваат од владејачката партија.

Тие посочуваат и на сомнителната улога на правосудните органи во тој период, поврзувајќи ги одлуките на Обвинителството со желбите на тогашната власт.

„Дополнително, уште пошокантен е фактот, кој, според кажувањата на Жан Митрев, по само една недела од моментот кога поединци од власта изразиле желба за болницата, Јавното обвинителство ја укинало забраната за продажба. Овој случај е типичен пример за мафијашко дејствување на Заев и Филипче“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширока „криминална мрежа“ која вклучува скандали со имот во Дубаи, златни визи и фирми во соседството.

„Тендери, проценти, злоупотреби на функциите за лично богатење, рекет и предавства се синоними за начинот на дејствување на кланот Заеви и на Филипче. Дали вака за СДС изгледа европска Македонија, која ја ветуваат? Дали со рекет, уцени и закани Филипче и СДС сакаат повторно некогаш да ја управуваат државата?“, прашуваат од партијата.

На крајот, ВМРО-ДПМНЕ побара итна оставка од лидерот на опозицијата Филипче и реакција од Јавното обвинителство.

Exit mobile version