Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку прес-конференција на пратеникот Бране Петрушевски реагираше на вчерашниот работнички марш во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), обвинувајќи дека протестот бил партизиран и логистички поддржан од опозицијата.

Во своето обраќање, Петрушевски директно го оспори синдикалниот карактер на собирот:

„На вчерашниот долгонајавуван протест демек на Сојузот на синдикати на Македонија, на дело се докажа она за кое ние ви укажувавме. Од вчера, сите се на чисто дека ССМ и СДС делуваат заеднички и дека и едните и другите се немоќни и само си се надополнуваат.“

Тој пред јавноста презентираше и фотографии за кои тврдеше дека го докажуваат присуството на партиски активисти меѓу работниците.

„Граѓаните беа сведоци дека на таканаречениот синдикален протест имаше лица со обележја на СДС. Ова е само доказ дека синдикалците не се организирале сами, дека на синдикалците им помагале локалните штабови на СДС. И тоа им помагале во целата организација на вчерашниот протест. Им помагале лица на СДС од Куманово, Тетово, Струмица и слично.“

Петрушевски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ суштински го поддржува правото на штрајк и борбата за повисоки плати, но смета дека вчерашниот настан не бил автентичен работнички револт.

„Да нема забуни, ВМРО-ДПМНЕ постојано стои зад работниците и нивните права. ВМРО-ДПМНЕ го почитува правото на работниците да протестираат и да ги бараат своите работнички права, меѓу кои и повисока плата. Но, ова што се случува не е протест на работници, не е протест за работнички права. Ова е игра на ССМ и СДС да бидат видливи како фактор на пошироката општествена сцена, игра посебно на СДС која како партија сигурно се движи кон пропаст.“

На крајот од прес-конференцијата, тој заклучи дека целта на маршот била исклучиво политичка промоција врз грбот на работничката класа.

„Настанот вчера беше само доказ дека има равенство помеѓу ССМ и СДС, односно дека ССМ и СДС се едно исто. Во конкретниов случај ССМ и СДС ги злоупотребуваат работниците и нивните права само да бидат видливи на општествената сцена. ВМРО-ДПМНЕ само сака секој да може да ги реализира своите права, а не да биде употребуван или злоупотребуван од различни центри.“

Exit mobile version