Владејачката ВМРО-ДПМНЕ експресно ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ во врска со именувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Србија. Од партијата посочуваат дека предлогот воопшто не потекнува од актуелната Влада, туку од дипломатски кадар поставен од претходната власт.

Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, иницијативата за Адамовиќ доаѓа директно од македонскиот амбасадор во Белград, кој на таа позиција бил именуван токму за време на мандатот на владата на СДСМ и ДУИ.

Во однос на изнесените тврдења за минатото на Адамовиќ и неговите политички врски во Србија, од владејачката партија децидно тврдат дека „споменатата личност ги исполнува сите законски и дипломатски критериуми потребни за негово поставување на функцијата почесен конзул“.

ВМРО-ДПМНЕ ги оцени изјавите на СДСМ како обид за вовлекување на Македонија во туѓи политички пресметки. „Партијата на Башановиќ, СДС, треба да разбере дека функционира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневнополитичките настани во соседна Србија, иако желбата на СДС за тоа е огромна“, се заклучува во партиската реакција.


Exit mobile version