ВМРО-ДПМНЕ пред одлука: Ниту бојкот ниту повик за гласање

ВМРО-ДПМНЕ денеска на серија седници на партиските тела треба да донесе одлука за тоа како ќе се постави во пресрет на референдумот.
Според информациите кои доаѓаат од партијата, прво состанок ќе има пратеничката група со лидерот, а потоа свои состаноци ќе одржат прво Извршниот комитет кој својата одлука ќе му ја предложи на Централниот комитет кој ќе треба да гласа.
За очекување е партискиот став да биде соопштен некаде доцна вечерва.
Од партијата официјално не споделуваат информации за тоа какво е расположението во базата кога станува збор за ова прашање. Неофицијално, во партијата веќе е цврсто поставен ставот против Договорот со Грција а се градат позициите за тоа, дали на референудмот да се повика на Бојкот, на гласање против или пак да се повика членството да гласа по сопствено убедување.
Токму последнава опција беше пораката која опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ја испрати од последниот партиски собир во Кичево, кога практично им остави на граѓаните сами да донесат одлука.
Во истата насока размислува и најголемиот дел од партиското раководство иако на ниво на месни комитети се правел и притисок партијата да повика на бојкот. Сепак, според неофицијалните информации, кај поголемиот дел од раководството преовладувал ставот дека повик на бојкот не е добра опција и дека можеби треба да се остави конечната одлука сами да ја донесат граѓаните.
Во рамките на партиското раководство има и членови кои пак сметаат дека треба да се поддржи референдумот. Петар Богојевски кој е во самиот партиски врв во неколку наврати јавно повикуваше на поддршка за референдумот.
Од друга страна, пратеникот Антонио Милошоски сам води кампања за бојкот на референдумот, откако Собранието реши да не му овозможи средства за оваа кампања бидејќи неговата пратеничка група се откажа од средствата.

 

 

 

11.09.2018 - 12:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега