ВМРО-ДПМНЕ на протести во 15 градови (ФОТО)

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва простираше во повеќе градови ширум државата против, како што велат, продавањето на националните интереси од страна на власта.

Лидерот на партијата, Мицкоски беше во Куманово од каде порача дека кога неговата партија ќе дојде на власт, нема да почитува ниту една реченица што ќе ја потпиша двоецот Заев – Бучковски.

-Но, за жал и тогаш од страна на владејачкото мнозинство и од страна на Зоран Заев бевме убедувани дека тоа не е вистина, дека тоа се лажни вести итн. Ќе продолжам, оваа година јас лично предупредив дека на состанокот помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и соседна Бугарија, од нашиот министер е побаран нов договор, или Анекс кон договорот или некој документ кој што ќе има нова правосилна рамка и ново правосилно значење. Исто така бев брутално навредуван од страна на Зоран Заев и од Бујар Османи и на Никола Димитров дека тоа се лажни вести, дека тоа не е вистина итн. Но, излезе дека сето тоа било точно и дека сме биле во право. Овој пат сакам исто така да ја предупредам македонската јавност, македонскиот народ, македонската нација, граѓаните во Македонија дека новоименувањето на Владо Бучковски за посредник во спорот со нашиот источен сосед, човекот кој што имаше осудителна пресуда а потоа преку Врховниот суд во владеењето на Зоран Заев, а знаете како тие трас-трас одлуки се носеле во Врховниот суд беше ослободен, човекот кој што беше осуден за проневера за тенковски делови, за бугарските тенкови денеска треба да го решава историскиот спор со соседна Бугарија, претставува вовед во едно ново апокалиптично сценарио, вовед во едно ново предавство кое што ќе треба да биде извршено и врз македонскиот надор, македонската нација и македонската држава, асимилација на македонскиот народ, на маса се македонската историја, македонскиот јазик, традиција обичаи и откажување од македонското национално малцинство кај нашиот источен сосед, рече Мицкоски.


Се протестираше и во Битола. Таму се обрати Иванчо Тошевски кој порача дека битолчани нема да се повлечат и секојдневно ќе бидат на улиците

-Зоран Заев, ниту пак кој било друг политичар нема право да задира во македонскиот идентите, бидејќи Македонија не е ничија своина, туку наша татковина, порачаа битолчани.


Охриѓани, пак, повикаа на обединување на македонскиот народ.

-Токму зашто нема назад мора да бидеме мудри, да делуваме мудро. Да се бориме и да се обединиме за заедно да го спречиме злото кое Заев и тие околу него и го имаат спремено на Македонија и само го чекаат вистинскиот момент за да го испорачаат последното предавство, истакна претседателот на Општинскиот комитет на партијата, Сашко Донев.


И на југоистокот на државата ВМРО-ДПМНЕ излезе на улица. Се протестираше во Валандово, Дојран и Радовиш. Пратеникот Дејанчо Ефтимов побара оставка од Заев.

Бараме оставка на Заев, за спас на народот и нема отстапување од ова. Недозволиво е и катастрофално однесување на оваа криминално мафијашка банда на власт да ги распродава националните и државните интереси. Тоа е срам и понижување. Мораме сите заедно да застанеме на патот на ова расипништво. Ние немаме друга држава, ако сега не ја одбраниме честа на државата и на народот, ќе бидиме понижени не само пред соседите, туку и пред цела Европа и пред целиот свет, вели Ефтимов.


На протестот во Кавадарци говореше членот на Извршниот комитет и поранешен пратеник, Владимир Ѓорчев. Рече дека откако Македонија ќе се крене на нозе, ќе дојде победата за македонскиот народ.

-Ќе дојде победата затоа што народот е незадоволен, затоа што Македонија никогаш не била по опљачкана и по понижена. Ни се случува ужас, но тоа има име и презиме, името и презимето е Зоран Заев околку него се нерзбраните трговци, народот се буди, Македонија се буди и жива е Македонија, рече Ѓорчев.


Прилепчани порачаа дека градот под Марковите кули секогаш бил предвоник на промените, а така ќе биде и сега. Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека протестот е за зачувување на она што го оставиле претците.

-Доста е веќе, доста не лажевте овие четири години. Напуштете ја власта и ослободете ја Македонија. Неспособни сте, ја уништивте државата на секое поле, порача Проданоски.


Од Берово, приврзаниците на опозициската партија порачаа дека нема да дозволат бришење на минатото и спомените.

-Заев сака да создаде вештачка нација, Македонија во која ќе живеат Македонци со бугарски корени. Заев може да се декларира како Македонец со бугарски корени, меѓутоа тој може тоа да го прави само за себе, не смее да го прави за цела нација, нема мандат за тоа и никој не му дава право за тоа. Не смее да го распродава македонскиот народ, истакна на протестот членот на Извршниот комитет на партијата, Драган Ковачки.


Велешани порачаа дека Македонија ќе остане Македонија, а пратеникот Игор Здравковски повика на поголема масовност на следните протести.

Доколку ние немаме идентитет и доколку немаме јазик, доколку немаме националност и национално чувство се ќе биде залудно. Би сакал исто така да споменам нешто околу она фамозно интервју кое не крена сите на нозе. Тој муртинецот, предавникот, и оној кој што се ооднесува како на кванташки пазар во Струмица мисли така треба и државата да ни ја продава. Ете тој нас ни кажува дека тие нам ни биле пријатели, а ние треба добрососедски да ги прифатиме сите тие злосторства. Верувам дека и меѓу вас има луѓе кои што потекнуваат од семејства кои што се бореле во антифашистичкото движење мораме прво самите достоинствено сето тоа да го прифатиме и да преминеме преку тоа, меѓуоа никако без нивно извинување, рече Здравковски.


Се протестираше и во Виница, Македонска Каменица и во Пробиштип од каде се побара оставка од Заев. Во Виница говореше Стефан Андоновски кој порача дека младата генерација е таа која треба да биде носечки столб во оваа битка.

 Според него, државата е пред крстосница и сега македонскиот народ не смее да погреши.


 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.12.2020 - 21:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега