ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, преку фирма блиска до него – „Аполо инженеринг“ – овозможил приватизација на земјиште во населбата Влае, кое било дел од јавна инфраструктура.
Во соопштението на партијата се наведува дека „Аполо инженеринг“ добила земјиште преку приватизација, меѓу кое и дел од улицата Есперанто пред Кино Влае, што, како што велат, претставува пример на „узурпирање на јавен простор за личен интерес“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, фирмата во 2016 и 2017 година доставила два геодетски елаборати по донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) кој, како што тврдат, бил потпишан лично од Јакимовски и предвидувал изградба на висококатница токму на местото каде подоцна фирмата добила имот.
„Аполо инженеринг“ платила само 285 денари за квадратен метар, или околу 3.500 евра вкупно, што е многу пониско од реалната пазарна вредност на земјиштето во Влае,“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат и дека неколку месеци по приватизацијата фирмата го продала истото земјиште на својот сопственик, Јонче Спирковски, за износ од 2.950.000 денари, што, според нив, укажува на „фиктивна зделка со цел профит“.
„Ова е уште еден пример како јавниот интерес се претвора во приватен. Јакимовски ја претвори Општина Карпош во своја приватна фирма, а граѓаните се последни на листата на неговиот интерес,“ стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

