ВМРО-ДПМНЕ ја почна конвенцијата во Струга за избор на претседателски кандидат

Под мотото „За честита Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ денеска  во Струга ја почна конвенцијата за избор на кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април годинава.

Вкупно 523 делегати ќе избираат меѓу деветмината кандидати, кои се пријавија на партискиот конкурс. Во изборот за претседателската кандидатура ќе се натпреваруваат Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков. Кандидатите ќе имаат по 15 минути можност да ја претстават својата визија пред делегатите, а потоа предвидено е да се премине на гласање.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обраќањето на почетокот на конвенцијата рече дека од Струга почнува финалната битка за одбрана на државата.

-Секојдневието се претвора во борба со животот, решавање на напластени проблеми и неретко секој еден граѓанин го обзема чувството дека води борба со ветерници, дека иако го дава најдоброто од себе, иако прави се за да победи во животот, тој постојано губи, а доживува удари не затоа што е неуспешен или недоволно квалитетен, туку затоа што општествето е труло, затоа што вредносниот систем е разоран и се чини дека се е против него. Тој поединец не е несупешен човек, туку тој ја има судбината да живее во неуспешна и заробена држава, рече Мицкоски пред делегатите.

Според него, во земјата има отсуство на принципи, закони и вредности.

-На Македонија и е потребна надеж, светлина, демонстрација на тоа дека може поинаку, и дека не е се загубено. Го земам бајракот, бајракот со сите еден од вас, подеднакво како и вас, до вас и со вас, и ви велам, ќе победиме. Ве гледам во очи исправен овде пред вас и ви велам , ќе победи честита Македонија ќе победи ВМРО-ДПМНЕ! Ќе ги донесеме промените кои се потребни, а Македонија ќе ја сочуваме. Ќе донесеме подобро утре, со план и со стратегија, со срце и со длабок разум, за нашата земја! Македонија нема повеќе време за губење, и нема повеќе причини за залудно трошење на уште животи за да чекаме да дојде подобро. Тоа мора да биде сега и веднаш, истакна Мицкоски.

Вели дека во изминатиот период често бил прашуван каков треба да биде кандидатот за претседател државата.

-ВМРО-ДПМНЕ треба да избере човек кој ќе биде претседател на сите граѓани, и кој ќе води бестрашно, непоколебливо и кој ќе работи за Македонија. Потребно е и искуство, животно и професионално, кој ќе биде гаранција за квалитетот во носењето на одлуки. Човек кој ќе се обрзе да го почитува Уставот и законите, истакна Мицкоски.

Избираме личност, додаде тој, која ќе даде динамика и импулс на процесите кон Европската Унија кон која се стремиме, и која ја гледам пред се како систем на стандарди кои мора да се постигнат за да нашиот народ живее подобро.

Мицкоски рече дека овие избори ќе бидат жолт картон за власта и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи гласот на народот да не се чуе.

За избран кандидат, според деловникот на партијата, се смета оној кој добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број или кандидатите добијат ист број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати, кои добиле најмногу гласови на првото гласање, при што за избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови на повтореното гласање. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.02.2019 - 14:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега