ВМРО-ДПМНЕ формира работно тело кое ќе ја следи реализацијата на проектите на градоначалниците

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е формирано работно тело во рамките на партијата, кое ќе ја следи реализацијата на проектите ветени пред граѓаните, а кои добија апсолутна поддршка на последните избори.

„Во програмите ‘Гарантираме’ опфатени се точно 14.835 проекти од разни сфери и области, решенија за реалните проблеми на народот. Со овие програми се предвидуваат 2.000 улици во целата држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредните општини и многу други конкретни дела“, соопшти партијата.

Како што се наведува, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред градоначалниците соопштил дека овие проекти мора да имаат соодветен план и динамика за развој, при што работното тело ќе биде од помош при овозможувањето совети и размена на знаења при нивното имплементирање.

Во работното тело, кое ќе биде раководено од Мицкоски, ќе бидат и Зоран Ставревски и Оливер Шамбевски, додаваат од партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, изрази задоволство од првичното за почнување со крупни капитални проекти од градоначалниците и, како што соопшти партијата, потенцирал дека е од исклучителна важност внимателно и доследно да се запазат ветувањата и да се овозможат промените ветени пред граѓаните, со цел обезбедување на новата иднина во која граѓаните веруваат и дадоа поддршка.

02.12.2021 - 22:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа