Локалните избори поминаа, а СДС доживеа тежок историски пораз, изборно цунами кое е на праг да ја збрише од политичката сцена во државата; велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Некогашниот голем СДС и најголем политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ, сега е веќе трета партија во државата, додека пак во ниво на град Скопје е дури петта.

Овој историски дебакл на СДС има име и презиме. Венко Филипче, што поразот го претставува како успех, под диктат на неговиот ментор Зоран Заев, партијата ја дотурка до раб на исчезнување.

Многу очигледно е дека СДС и натаму функционира под диригенство на Заев, зошто Филипче ниту се дистанцираше од него и неговите политики, ниту покажа капацитет да ја врати партијата на вистински пат. Туку напротив, Филипче со Заев тераше луди журки во Дубаи и луксузни одмори по Халкидики.

Овие изборни резултати се јасен показател дека народот ја казни оваа нивна аздисаност и безидејност. На локалните избори СДС освои 126 илјади гласа и околу 230 советници, а победи само во 6 општини при што ги изгуби градовите каде што со години наназад доминираше.

И покрај ваквиот историски пораз, во СДС нема реформи. Во партијата на чело со Флипче упорно се прави обид за негов спас и криењето на вистинскиот виновник.

За СДС, веќе, не се решение ниту оставките без суштина, едноставна промена на некои кадри, кои само го одложуваат неизбежното, а тоа е потребата од целосна промена во врвот на партијата, на чело со Филипче.

Ова не е изборен резултат кој треба да се релативизира, а најмалку да се претставува како добар или одличен, нешто што Филипче се обидува. Затоа со него и со ова партиско раководство СДС ќе продолжи и понатаму да тоне.

Потребно е итна оставка на Венко Филипче и реформи во СДС, затоа што на Македонија и е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Exit mobile version