ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука: Граѓаните сами ќе одлучуваат на референдумот

По заседавањето на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата Христијан Мицкоски одржа прес-конференција на која го искажа ставот на партијата за претстојниот референдум, кој треба да се одржи на 30. септември.

Тој кажа дека тој и партијата не го прифаќаат Договорот со Грција.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ  е за членство за НАТО и влез во Европската Унија.

„Договорот со Грција е документ кој јас и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаме. Тој е надвор од нашите принципи и начела. Ние сме против овој Договор, бидејќи со него се менува Уставот на Република Македонија и институционалниот идентитет. Се прифаќа комисија за разгледување и ревидирање на култрата и традицијата, што ќе отвори пат, кога ќе посака Грција да ја блокира државата, да може да го стори тоа кога што сака и како што сака.

Ние не може едно да велиме денес, а друго утре. Ги губиме сите позиции, целата предност, сите аргументи, стеканти низ годините наназад. Со овој договор исчезува Резолуцијата на ОН, времената спогодба, но и Хашката пресуда.

Рефереднумското прашање не се однесува за она што имаме на маса, однсно промена на уставното име.

ВМРО-ДПМНЕ е за членство во НАТО и во ЕУ. Тоа се наши пријатели и партнери. ВМРО-ДПМНЕ е формирана како одговор на партијата СДСМ, која што е продолжение на минатиот комунистички систем. Македонија не смее да има поинаква иднина, освен онаа трасираната кон овие организации.

Владата започна кампања, која вреди милиони евра, која е адресирана исклучиво кон членството во НАТО и ЕУ, а нема ништо за промената на името. Си играат со емоциите на луѓето, им создаваат лажни надежи. Мислат дека така ќе избегнат од одговорноста зошто прифатија промена на Уставот, идентитетот, историјата….

Меркел порача дека освен договорот треба да се каже оти има и други предуслови кои треба да се исполнат. За нив треба работа, труд и визија.

Почитувани граѓани, прашањето за името е едно од најзначајните за нашата држава. Тоа е надпартиско, сушственството за натамошното постоење на државата. Тоа задира во историјата, но се однесува и на иднината. Ова не е прашање на Мицкоски и Заев, ова не е прашање на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ова е прашање за Македонија и сите нејзини граѓани, за нејзиното постоење и нејзиното натамошно градење.

Ние остануваме на ставот дека сме против овој договор, секому е јасно дека со овој договор се менува уставот на Република Македонија“, кажа Мицкоски и додаде:

„Прашањето за името, едно од најзначајните за нашата држава, ова е прашање кое задира во историјата, се однесува на иднината, на младите или сѐ уште не родените деца. Ова не е прашање само на Мицкоски, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ова е прашање за Македонија и сите нејзини граѓани.

Ова се историски моменти.

ВМРО-ДПМНЕ во консултација со народот, по одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, донесе одлука секој ѓраѓанин да постапи според сопственото убедување. Македонија ни е сѐ, Нема партиите да одлучуваат. За ова прашање ќе одлучи нацијата и сите ние ќе се поклониме“, кажа Мицкоски.

 

 

 

11.09.2018 - 23:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега