ВМРО-ДПМНЕ: Дали Нина Ангеловска ги извадила своите 250.000 евра од „Еуростандард банка“ пред затворање?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прашува дали министерката за финансии во заминување, Нина Ангеловска ги извадила парите кои ги имала депонирана во Еуростандард банка пред таа да ја загуби лиценцата од НБРМ.

Станува збор за депозит во вредсност од 250.000 евра.

-Ангеловска треба да одговори дали и пропаднаа 250 илјади евра, пари од заштеда кои самата ги има пријавено, а ако не се, односно истите ги повлекла, со оглед на фактот што тие пари согласно имотниот лист не ги располага веќе во таа банка, тогаш тоа е огромен скандал. Ангеловска е должна да каже дали имала предвреме информација за таквиот  потег. Ова е новиот ТАТ и функционерите од СДСМ мора да кажат каква улога имале во истата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ангеловска во министерската фотелја седна лани во август, а веќе во октомври медиумите го објавија тогашниот нејзин имотен лист.

Според тогашната објава на Антикорупциската комисија, Ангеловска поседува канцеларии со вкупна површина од 16 квадратни метри со вредност од околу 4 милиони денари.

Министерката минатата година пријавила акции од 1,6 милиони денари стекнати во 2012 година, како и банкарски депозит од над 350.000 евра. Овие пари се депонирани во две банки, па така таа има 33.000 евра од 2015, додека во „Еуростандард банка“ има скоро 200.000 евра денарски депозит од 2014 и 51.000 евра девизен депозит од 2017.

Таа исто така има и други помали девизни и денарски сметки.

Во новиот извештај доставен до Антикорупциска, за кој во моментот нема информации кога точно е доставен, се гледа дека депозитите не се впишани.

Во Еуростандард банка впишана е само помала сума, од 534 евра.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.08.2020 - 22:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа