ВМРО-ДПМНЕ бара од Тренчовска да ја разреши директорката на детската градинка во Гевгелија

Во партиско соопштение испратено до медиумите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчовска да ја разреши директорката на детската градинка во Гевгелија.

„Тренчовска да ги врати ингеренциите за градинките на општина Гевгелија, нејзините кадри кријат брутално насилство врз бебиња. Јована Тренчовска им ги одзема ингеренциите за градинките на општините за да може да поставува директори од СДС, за кои постојат низа скандали и немили настани.

Инцидентот со бруталното насилство врз 10 месечно бебе во Гевгелија е последен во низата, каде директорка назначена од Тренчовска крие насилство и не пријавува во Полиција.

Ова е втор ваков случај на истата директорка, на која очигледно градинката и децата во неа не и се приоритет“, се потенцира во реакцијата на опозицијата.

„И наместо да има одговорност и разрешување, Тренчовска формира комисија по примерот на комисиите на Филипче за сите КОВИД скандали, за Јилдиз, за старецот од Кратовско, кои не видоа епилог.

Наместо да измислуваат тела и комисии кои ќе завршат без епилог и одговорност, Тренчовска да ја разреши директорката на детската градинка од Гевгелија и веднаш потоа да ги врати ингеренциите врз градинките на општина Гевгелија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

25.11.2022 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа