Собранието денеска, во рамки на 75. пленарна седница, ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и Беким Сали за министер за евроинтеграции. Веднаш по изборот, двајцата министри дадоа свечени изјави пред пратениците.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, пред Собранието ги образложи предлозите за нивниот избор, нагласувајќи дека станува збор за екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори.
„Денес пред вас го ставам предлогот за избор на двајца министри со цел целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работа, на клучни ресори од извршната власт,“ изјави Мицкоски.
За кандидатурата на Хоџа, премиерот посочи дека станува збор за кадар со долгогодишно искуство во државната и извршната власт, со раководни ангажмани во повеќе институции.
„Неговото професионално искуство обезбедува познавање на процедурите, меѓуинституционалната соработка и потребата од усогласување на јавните политики,“ рече Мицкоски, додавајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање има клучна улога во одржливиот развој и заштитата на животната средина.
За Беким Сали, Мицкоски истакна дека неговото претходно министерско искуство, како и актуелниот ангажман во законодавната власт, му овозможуваат јасно разбирање на функционирањето на институциите и односите меѓу извршната и законодавната власт.

