Владата постави рок: Таблите на граничните премини и аеродромите ќе се менуваат во следните три дена

Владата преку соопштение извести дека од денеска стапува на сила преспанскиот договор. На веб-страницата на Владата од вечерва стои „Влада на Република Северна Македонија“.

Владата денеска достави рокови до сите институции за менување на името во Република Северна Македонија. Прво ќе бидат сменети таблите на граничните премени и на аеродромите.

„Царинската управа да стави налепници на таблите на граничните премини, државната граница на Република Северна Македонија и на двата аеродроми во Република Северна Македонија, во рок од 3 дена;

Секторот за односи со јавност при Владата на Република Северна Македонија во рок од 7 дена да изработи Книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.

Генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер кој ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.“, се вели во соопштението Владата на Република Северна Македонија.

До петок ќе треба да бидат променети и сите дигитални записи на институциите, вклучувајќи ги и медиумите.

„Сите институции да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни, медиуми итн.) во рок од 3 дена.

Сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.

Министерството за надворешни работи, да ги замени таблите во министерството како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели“, велат од Владата.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.02.2019 - 20:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега