Владата изработи насоки за влез и транзит низ земјава за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ

Владата на предлог на Министерството за внатрешни работи во соработка со министерствата за здравство и за надворешни работи изработи насоки за начинот на транзит и на регулиран привремен или постојан престој во земјава за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и на дипломати, членовите на нивните семејства и на граѓани со двојно државјанство од овие држави.

Како што информираат од владината прес-служба, за транзит низ земјава граѓаните на четирите држави при влез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, не е потребно да приложат медицинска потврда од направен ПЦР тест, туку е потребно само да потпишат изјава и во рок од три часа мора да ја напуштат територијата на државата.

При влез на копнен граничен премин, со цел излез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, потребно е задолжително да прикажат авионски билет (електронски билет) и да потпишат изјава за транзит и во рок од три часа мора да ја напуштат територијата на државата.

За професионалните превозници (возачи), не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, само има обврска за задолжително почитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз. За организиран автобуски превоз или меѓународни транзитни редовни линии, дозволен е влез за транзит, при што не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, а територијата на државата мора да се напушти во рок од пет часа, со потпишување изјава за транзит.

Државјаните на Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина кои имаат регулиран привремен или постојан престој во земјава, при секој влез во државата задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата. Странските дипломати од четирите земји што се акредитирани во Република Северна Македонија, како и членови на нивните семејства, при влез во државата не е потребно да приложуваат медицинска потврда од направен ПЦР тест.

Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ кои имаат претходно закажани здравствени прегледи и лекување во здравствена установа во земјава, може да остварат влез во државата со задолжително приложување на медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата, како и медицинска потврда за закажан лекарски преглед.

Државјаните од четирите земји кои имаат двојно државјанство, доколку имаат живеалиште во Република Северна Македонија (согласно евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи, или пак се носители на МКД лична карта), при влез во државата нема потреба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест. Но, доколку имаат живеалиште во некоја од четирите држави во која го имаат второто државјанство при влез во земјава потребно е задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.

Носители на патни исправи издадени од Република Северна Македонија кои имаат адреса на живеење во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, при влез во земјава задолжително треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.

Министерството за внатрешни работи, пак, по прибавување на пополнетите изјави од државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ заедно со медицинските потврди од ПЦР тестовите треба да ги доставува на проверка и потврдување до определени лица од Министерството за здравство, а Министерството за здравство да ги доставува до регионалните Центри за јавно здравје, согласно адресите.

Овие насоки,како што велат од Владата, Министерството за надворешни работи ќе ги достави до сите дипломатско конзуларни претставништва во насока на соодветно информирање на јавноста. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.07.2020 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега