Владата ги поддржува активностите на Општина Охрид за отстранување на дивоградбите

Владата ги поддржува активностите за отстранување на бесправните градби на охридското крајбрежје, кои ги изведува Општина Охрид, со што ги потврдува своите заложби за посветено исполнување на препораките на УНЕСКО и за имплементацијата на планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, известуваат владините служби.

Од таму додаваат дека Владата веќе има обезбедено средства во износ од шест милиони денари за отстранување на бесправните објекти, кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро, кои ја нарушуваат природната и културната автентичност на регионот.

„Активностите за отстранување ќе ги опфатат физичките или правните лица што имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект и не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на Општина Охрид. Со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, Општина Охрид упати и апел до сопствениците на бесправните градби да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите“, пишува во владиното соопштение.

Напоменуваат дека Владата во координација со Општина Охрид ќе продолжи да се залага за конечно воведување ред на охридското крајбрежје, кое со години беше узурпирано.

„Ја поддржуваме Општина Охрид да продолжи со активностите за отстранување на бесправните градби сѐ додека не бидат отстранети сите објекти што ја загрозуваат животната средина и го деградираат уникатното заштитено подрачје на регионот“, велат од Владата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.05.2021 - 21:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега