Владата ги грее скопјани со ветувања

Владата ветува дека оваа зима Скопје ќе има греење и покрај тоа што реално, во таа насока не е направено речи си ништо.
Владата нема набавено ниту гас ниту мазут за греење. Како што веќе објавија медиумите, гасот кој требало да биде набавен од Макпетрол а платен до 20 септември веќе не е во игра. Владата не префрлила пари на компанијата па мали се шансите на краток рок да добие енергенс од овој извор.
Проблем е и кој ќе го грее Скопје. Владата уверува дека БЕГ е должен да продолжи со греење на главниот град иако компанијата за тоа нема ниту лиценца а како што тврдат немаат ниту пари за да набават енергенси. Владата практично ја присилува компанијата БЕГ да врши дејност за која пред речи си една година потенцираше дека не е способна.
Но тука не завршуваат проблемите. И да сака БЕГ да го грее Скопје нема како. Топланите се продадени на друга фирма, Адора, која не е заинтересирана да и ги изнајми ниту на БЕГ ниту на Владата.
Од Адора потенцираа дека се заинтересирани само за продажба на овие капацитети и тоа по истата цена по кои биле купени.
Друг проблем е што Владата најголемиот дел од греењето на главниот град или околу 70% планира да го обезбеди преку гасната централа Те-То, со која за тоа се уште нема договор.
Дополнително, Премиерот денеска пред медиумите призна дека во последниве денови е во интензивни контакти со премиери на странски земји како би се обезбедиле енергенси за греење.
Грејната сезона мора да почне на 15 октомври. Законот предвидува можност скопјани да добијат топли радијатори и на 1 октомври доколку временските услови го бараат тоа, но се чини, дека овој датум останува невозможна мисија па се што им останува на граѓаните е да се молат, температурите надвор да бидат повисоки за греење да не биде потребно.
Во меѓувреме, додека бараме начин како да ја загрееме метрополоата Владата ќе не грее само со ветувања. Па така, денеска ветување дека парно ќе има стигна и од Премиерот но и од потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања.

27.09.2022 - 13:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега