Вкупно три жртви од коронавирусот на Кипар, попладнево стапи во сила целосна забрана на движење

Кипарското Министерство за здравство попладнево соопшти дека уште две лица го загубиле животот од Ковид-19, со што бројката на жртви се зголеми на тројца, додека пак во земјата потврдени се вкупно 124 случаи на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Починатите се 68-годишен британски државјанин кој живеел на Кипар и имал здравствени проблеми, но и 58-годишен Кипранец, без никакви претходно дијагностицирани проблеми.

-Денеска загубивме уште двајца наши сограѓани како резултат на пандемијата. Треба сите да сфатиме дека ако нема целосно усогласување со мерките, ќе бидат асиметрични последиците за сите. За да ја добиеме оваа војна, останете во вашите домови, во засолништата, напиша претседателот на Кипар Никос Анастасиадис на неговиот официјален „Твитер“ профил.

По вчерашното обраќање на Анастасиадис и со издадениот претседателски декрет, од 18 часот попладнево, во земјата стапи во сила забраната за движење на граѓани што важи до 13 април 2020 година.

Ригорозните мерки на Кипар, се речиси идентични со оние во Грција, а граѓаните, од нивните домови, ќе можат да излезат, само во случај: да треба да заминат на работа; да се снабдат со неопходни производи; да посетат лекар или аптека; да отидат во банка, доколку не е можна електронска трансакција; да посетат лица на кои им е неопходна грижа; да присуствуваат на погреб, свадба или крштенка кај роднини од прв и втор степен; како и за прошетка на домашно милениче или индивидуално спортување.

Секој оној кој ќе излезе од дома, ќе треба да има документ за лична идентификација, како и додатен документ за целта на движењето, додека пак за прекршувачите е предвидена казна од 150 евра.

Претседателот на Кипар, попладнево преку „Твитер“ коментираше дека постојат обиди за погрешно толкување на упатствата од надлежните министерства и упати порака дека „доколку има злоупотреба или непослушност во врска со новите мерки, следниот чекор ќе биде забрана за движење без исклучоци“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.03.2020 - 19:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега