Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави жестока офанзива на полицијата против несовесните возачи на мотори кои го загрозуваат јавниот ред и безбедноста во градовите. Тој повлече јасна линија меѓу вистинските љубители на мотори и оние кои ги користат двете тркала за дивеење по улиците.
Министерот беше дециден дека МВР повеќе нема да толерира опасно возење, неносење кациги и прекршување на сообраќајните правила.
„Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии. Тие ќе бидат таргет, тие што употребуваат мотори надвор од закон. Затоа што тие се најголем ризик да отепаат некого“, порача Тошковски.
Според него, „вистинските моторџии“ се свесни за ризиците и се најдисциплинирани во сообраќајот, додека проблемот лежи кај оние кои мислат дека се недопирливи за законот и за системот „Сејф сити“.
„Најавувам за тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, возат на црвено светло, го креваат моторот на едно тркало и мислат дека ‘Сејф сити’ не ги детектира, МВР ќе биде фокусирано на нив“, додаде министерот.


