Свлечиште се појави на спојот на улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“, поранешен „Иво Лола Рибар“. Инспекциските служби на Општина Центар, заедно со Министерството за внатрешни работи, веднаш излегоа на терен по инцидентот што се случи во близина на Католичката црква, каде е регистрирано оштетување на јавна површина и инфраструктура во непосредна близина на градежен зафат.
Од Општина Центар денеска информираа дека по извршениот увид биле утврдени оштетувања на коловозот, тротоарите, канализациската мрежа и уличното осветлување. Поради констатираните неправилности, веднаш биле изречени најстроги законски казни и санкции за инвеститорот, поради непочитување на обврските и нанесување штета врз јавната инфраструктура.
– „Денеска (25.05.2026) околу 13:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. ‘Христо Смирненски’ при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина – багер, ангажиран од фирма инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло. Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило ‘дачија сандеро’, сопственост на Е.М.“, информираат од МВР.
Првично за свлечиштето на земја на градилиштето, преку објава на Фејсбук алармираше здружението „Во одбрана на Буњаковец“ од каде споделија и видео од инцидентот.
„Свлечиште на спојот на улица ‘Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“ поранешен „Иво Лола Рибар“. Колапс на земјиштето под асфалтот до новото градилиште што работеше и на државен празник. Оштетена е целата инфраструктура – кабли за струја, телекомуникации… Дали се загрозени и коловозите и тротоарите на булеварот и улицата – проценете сами“, велат на Фејсбук од „ Во одбрана на Буњаковец“.


