Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања до раководството на синдикатот, барајќи одговори за начинот на кој се трошат парите на членството.

Тој јавно ги повика првите луѓе на синдикалните организации, Трпе Деаноски и Слободан Трендафилов, да појаснат дали средствата на работниците се користат за лични привилегии.

„Деаноски и Трендафилов треба повеќе да работат за работниците и да се борат за членството, а не да им ги трошат парите на синдикалците за луксузни патувања, привилегии и спортски игри на Јадранот“, изјави Петрушевски.

Според информациите кои пратеникот тврди дека ги добил од свиркачи во УПОЗ, за овогодинешните спортски игри во Црна Гора биле потрошени околу 60.000 евра, што претставува половина од годишниот буџет собран од синдикалците.

Од партијата бараат одговор дали локацијата на игрите била избрана за да им се излезе во пресрет на партиски членови блиски до опозицијата кои учествувале на неодамнешните протести.

Исто така, Петрушевски побара одговор дали поради овие преференции биле деградирани долгогодишни и лојални членови на синдикатот.

„Наместо борба за работнички права, Трендафилов и Деаноски се борат за луксуз. Затоа бројката на членови на ССМ се намалува и полека но сигурно ССМ го губи легитимитетот и кредибилитетот“, додаде пратеникот на прес-конференцијата.

На крајот, тој повлече паралела меѓу внатрешните состојби во Сојузот на синдикатите и опозициската партија СДСМ.

Exit mobile version