ВИДЕО: Не престануваат инцидентите во САД - полицаец вперил пиштол во група тинејџери, граѓаните го молеле да ги пушти

Кога Шанел Лад во понеделникот воочила дека пред полицајците стои група тинејџери црнци и со кренати раце, го паркирала својот автомобил и тргнала да го снима инцидентот.

„Ве молам господине, па тоа се деца! Зошто сте извадиле пиштол?“, повикала таа.

Нејзиното видео наскоро се проширило на социјалните мрежи.

„Прво ми падна на памет - јас сум мајка, морам да ги заштитам овие деца“, рекла Лад за Си-Ен-Ен.

Според информациите на полицијата, службеник во понеделникот реагирал на дојава дека во местото Џејнсбар во сојузната држава Џорџија група тинејџери имале пиштол и се тепале на паркинот пред локалната продавница. Но, на снимката од околните безбедносни камери не се забележува никаков конфликт меѓу тинејџерите.

Кога полицаецот стигнал до продавницата, ги немало тинејџерите, но ги воочил малку подоцна додека шетале по улица.

Полицијата во вторникот објавила 17-минутно видео од интеракцијата меѓу тинејџерите и службеникот кои ги снимала камерата која се наоѓа во униформата на полицаецот.

„Поради наводи дека малолетниците поседувале оружје полицаецот им пришол со извадено оружје кое го вперил во малолетниците“, се наведува во соопштението на полицијата.

Потоа им рекол дека треба да го слушаат и дека никој не сака да повреди. Полицаецот подолго од 4 минути го држел пиштолот вперен во тинејџерите, додека тие стоеле со рацете над глава.

„И други луѓе излегоа од автомобилите. Бевме околу 30. Им велевме на децата да бидат мирни и го молевме полицаецот да го спушти пиштолот“, раскажала Лад.

Полицаецот потоа ги прашал тинејџерите дали имаат пиштол, на што тие одговориле дека имале воздушен, но дека го фрлиле во грмушките.

„Слушајте, не сте во никаква неволја. Но, мора да внимавате. Можете да се повредите со воздушен пиштол. Не треба да го имате. Имам деца како вас“, рекол полицаецот кога тинејџерите му кажале каде го фрлиле пиштолот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.06.2020 - 08:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега