Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, денеска на прес-конференција обвини дека шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, донел контроверзна наредба за запирање на истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Според Милошоски, со оваа одлука се штити криминалот на претходната власт.
Милошоски истакна дека со оваа одлука се запира постапката во која осомничени беа екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и Асмир Јахоски и Ратко Капушевски.
„Ислам Абази, соседот на Али Ахмети од Зајас, си ја одработува добиената функција шеф на ОЈО ГОКК, и по насока на триото Филипче, Ахмети и Заев, донесе одлука да се запре судска постапка во која осомничени меѓу другите беа и членот на СДС и бегалец од правдата Васко Ковачевски, и синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски“, изјави Милошоски.
Тој потсети дека Антикорупциската комисија веќе утврдила неправилности каде на фирмата РКМ и биле платени пари за 18 илјади тони мазут кои никогаш не биле доставени. Милошоски прашува зошто одлуката за запирање доаѓа додека првоосомничениот Ковачевски е во бегство.
„Зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата? Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен“, подвлече пратеникот.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да дозволат случајот да се затвори на ваков начин и побараа итно повлекување на првиот човек на Обвинителството за организиран криминал.
„ВМРО-ДПМНЕ го повикува шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, веднаш да поднесе оставка, и да ја остави работата на професионалците“, заклучи Милошоски.


