Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска упати остри критики до шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, поради одлуката за запирање на случајот „Мазут“, тежок 167 милиони евра. Според Милошоски, ова е доказ за влијанието на поранешни функционери врз правосудството.
Милошоски го обвини Абази дека се поставил во улога на судија и го затворил предметот пред воопшто да започне судска процедура.
„Ислам Абази како шеф на ОЈО ГОКК, одлучил да го запре овој случај и да не види ни еден доказ. Овој скандалозен случај е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев се уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството“, изјави Милошоски.
Тој посочи дека Абази бил надлежен да нареди продолжување на истрагата, но наместо тоа, дал согласност за запирање на гонењето. Според него, ова е преседан во македонското правосудство за случај од висок јавен интерес.
Милошоски ја истакна контрадикторноста во постапките на обвинителството, потсетувајќи дека пред една година се барало притвор за осомничените.
„Како може истото обвинителство кое што барало притвор за четири лица од случајот Мазут денес да тврди дека нема основ за да се продолжи овој предмет. Со вакво постапување, обвинителот Ислам Абази, ќе го претвори ЈО ГОКК во обвинителство за извинување на осомничените“, додаде тој.
Пратеникот повика на итна оставка од првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.


