Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини за директни политички врски меѓу актуелното раководство на СДС и бугарските структури во земјава.

Од владејачката партија посочуваат дека ангажманот на поранешниот советник Рубин Земон во редовите на опозицијата претставува обид за продолжување на политиките од минатото.

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, сите карти излегоа на површина, соработката на Филипче и СДС со Бугарија е разобличена. Рубин Земон, човек на Зоран Заев и еден од најблиските луѓе на Венко Филипче е врската помеѓу Бугарија и СДС. Рубин Земон одржа средба со Виктор Стојанов, човекот кој ја води Фондацијата Македонија, која шири Бугарска пропаганда во државава и лице кое има забрана за влез во Македонија поради неговите антимакедонски ставови. Ете овој човек соработува со СДС и Филипче токму преку човекот на Заев, Рубин Земон“, изјави Манасиевски.

Манасиевски во своето обраќање потсети на претходните изјави на високи партиски функционери од опозициската партија кои позитивно се изразувале за кадровските решенија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, во партиските редови на СДС веќе имало отворени несогласувања околу насоката во која се движат овие процеси.

„Почитувани, освежувањето и засилувањето на Филипче и СДС со Рубин Земон заврши со големо фијаско. Дури и видни членови на СДС му укажале на Филипче дека со оваа работа отидено е предалеку, па затоа му било кажано на Рубин Земон да замине од СДС, но да продолжи со тоа што му е работа, а тоа е соработката со Бугарија и ширење на бугарска пропаганда. Филипче е фатен во небрано, откриени му се намерите и доколку вака продолжи СДС ќе стане ДООЕЛ“, посочи партискиот портпарол.

Exit mobile version