Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција го честиташе Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, поврзувајќи го нивното дело со современите евроинтеграциски процеси на државата.
Од партијата нагласуваат дека наследството на солунските браќа претставува темел на современиот македонски културен код кој мора постојано да се негува.
„Денеска го одбележуваме Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј – основачите на првото словенско писмо. Делото на Кирил и Методиј не е само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, туку темелот на нашиот македонски идентитет, јазик и култура. Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за䏼 македонски јазик и за иднината на државата“, изјави Кузеска.
Таа додаде дека во изминатиот период биле преземени клучни чекори на меѓународен план со кои позицијата на јазикот била официјално потврдена во Брисел.
Како директен пример за тоа, портпаролката го посочи потпишувањето на договорот со пограничната служба Фронтекс без дополнителни фусноти.
„Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија. Со договорот со Фронтекс, македонскиот јазик е официјално признаен од Европската Унија, потпишан чисто на македонски јазик, без фусноти, без додавки, од сите земји членки на Унијата“, потенцираше таа.
Кузеска упати и критички пораки до политичките опоненти, тврдејќи дека појавата на изолација и внатрешни поделби во општеството директно му штетат на напредокот на македонскиот народ.
„Тие што не обвинуваа дека сме предавници денеска признаваат дека свесно го лажеле народот, дека со Преспанскиот договор се заштитени македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура. Признаваат и дека членството во НАТО е добро за државата и за безбедноста на граѓаните… Патриотизам не е создавање поделби меѓу граѓаните, изолацијата не носи добро на ниту еден народ. Вистински патриотизам е да ја обезбедиш иднината на државата, да го заштитиш идентитетот и да обезбедиш рамноправно место за Македонија меѓу европските народи. Интеграцијата во ЕУ, во големото европско семејство на рамноправни народи е најголемиот чин на патриотизам и најсилната гаранција за иднината на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава“, се заклучува во партиското обраќање.


