Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи присуствуваше на церемонија на примопредавање на донација од Сојузна Република Германија, на која присуствуваше и амбасадорот на Германија во Република Северна Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, како и претставници од Канцеларијата за врски на Сојузната полиција на СР Германија.
Донацијата, во вкупна вредност од околу 600.000 евра реализирана во претходниот период, опфаќа моторни возила, термовизиски камери, компјутерска опрема и софтвери, специјализирани уреди за проверка на документи, како и специјални возила за воздухопловната единица. Оваа опрема е наменета за унапредување на капацитетите на Министерството во делот на граничното управување, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, криминалистичко-разузнавачката анализа и форензичките испитувања.
Министерот Тошковски истакна дека донацијата претставува симбол на довербата и силното партнерство меѓу двете земји.
„Оваа церемонија не е само формално примопредавање на опрема, туку јасна порака дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во заедничката борба против организираниот криминал, во заштитата на нашите граници и во обезбедувањето на сигурноста на граѓаните. Поддршката што ја добиваме не се мери само во материјални средства, туку и во знаење, обуки и размена на искуства, што значи долгорочно зајакнување на капацитетите и професионализација на македонската полиција“, нагласи Тошковски.
Тој изрази благодарност до Сојузната полиција на СР Германија и до Амбасадата на Германија во Скопје за континуираната поддршка, посочувајќи дека шесте реализирани обуки за македонските полициски службеници се доказ за стратешката и долгорочна соработка меѓу двете институции.
Министерот потенцираше дека ваквата помош претставува значаен придонес во зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедноста, како и во остварувањето на заедничката визија за сигурна, стабилна и европска Македонија.


