(ВИДЕО) Хаос во Москва: Гори еден од најголемите трговски центри во Европа

Пожар рано утринава зафатил еден од најголемите трговски центри во близина на Москва, соопштија локалните служби за итни случаи. Дел од структурата на центарот се урнал, што им отежнувало на пожарникарите да го изгаснат пожарот, пренесува Ројтерс.

Трговскиот центар Мега се наоѓа во Химки, а пожарот се проширил на површина од околу 7.000 квадратни метри. Експлозии се гледаат и на видеата кои почнаа да се шират на социјалните мрежи. Засега нема извештаи за жртви.

„Пожарникарите гаснат пожар на површина од 7.000 метри квадратни во околината на Москва“, објави на Твитер рускиот министер за вонредни ситуации.

Во првиот извештај на официјалната новинска агенција ТАСС се наведува дека „се случи експлозија во хипермаркетот ОБИ во трговскиот центар Мега Химки, по што следеше колапс“. Истиот извор се повикува на тврдењата на итната помош, според кои изворот на пожарот наводно е краток спој. Од друга страна, државната агенција РИА пишува дека пожарот бил подметнат пожар.

И други руски агенции пренесоа дека итните служби се сомневаат дека причина за големиот пожар е „криминален чин“. „Сметаме дека тоа било планирано, дека пожарот бил подметнат“, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на неименуван извор. Агенцијата Спутник додава дека кривичното дело е „меѓу главните можни причинители“ за пожарот.

Мега Химки е еден од најголемите трговски центри во Европа со околу 200 продавници за малопродажба, вклучувајќи го и ОБИ, кој е еден од главните закупци.

Пред инвазијата на Украина и повлекувањето на бројни компании од Русија, тој беше дом на голем број западни трговски синџири, вклучително и една од првите продавници на ИКЕА во таа земја.

 
 
09.12.2022 - 09:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега