Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај. Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.

Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.

Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.

Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела.

Скопје го правиме заедно. По скопски! – изјави Ѓорѓиевски.

Exit mobile version