Македонскиот музичар Дарко Андонов, под уметничкото име ДААН, ја промовираше својата најнова песна насловена „Дишам“. Композицијата е длабоко лична и инспирирана од периодот на колективна тага што ја зафати заедницата по големата трагедија во Кочани.
Според авторот, песната се родила во моментите на тишина и неизговорени емоции, како обид таа празнина да се преточи во музика која нуди надеж.
„‘Дишам’ е песна за тоа дека и во најтешките моменти човек мора да продолжи да дише, да продолжи да верува и да продолжи да бара светлина. Ја посветувам на сите ангели кои прерано нè напуштија и на нивните најблиски“, вели Андонов.
Песната веќе е достапна на неговиот YouTube канал, а е придружена со визуелно видео кое авторот го реализирал сам, користејќи современи AI (вештачка интелигенција) алатки за да ја долови специфичната емотивна атмосфера.


