Основен суд во Велес изрече условна казна затвор од три месеци за родител кој му овозможил на својот малолетен син да користи електричен тротинет, при што детето заедно со другар се повредило.

Казната е алтернативна, односно нема да биде издржана доколку осудениот во наредната една година не стори ново кривично дело.

Родителот е прогласен за виновен за кривично дело „Предизвикување на општа опасност“.

Според обвинението, настанот се случил на 1 мај годинава. Обвинетиот го оставил електричниот тротинет во дворот на семејната куќа, достапен за управување. И покрај тоа што бил свесен за ризикот, тој не го спречил детето да го користи.

Како што пренесува ТВ Стар, детето го зело тротинетот, качило уште едно дете на него и, возејќи по стрмните улици во Велес, двајцата се здобиле со полесни повреди.

Пресудата е донесена во период кога јавноста постојано се предупредува за ризиците од неодговорното однесување на родителите, особено кога на малолетници им се овозможува пристап до возила, огнени средства или други ризични предмети.

Exit mobile version