Православните верници кои се водат според Јулијанскиот календар, вечерва ја пречекуваат Стара нова година. Празнувањето продолжува утре, на 14 јануари, кога се одбележува празникот Василица, посветен на Свети Василиј Велики.

Во домовите ширум земјата традиционално ќе се крши погача со паричка, а се верува дека оној кај кого ќе падне, ќе има среќна и бериќетна година. Свети Василиј Велики се слави како домашна слава, а именден празнуваат сите кои ги носат имињата Васил, Васко, Васе, Васка и слични.

„По повод празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија“, информираат од црковните кругови.

Свети Василиј, родум од Кападокија, се смета за еден од тројцата најголеми црковни учители и заштитник на православното учење. Покрај МПЦ-ОА, овој календар го почитуваат и Руската, Српската, Ерусалимската црква и Света Гора.

Exit mobile version