Вебер: На Балканот владее нестабилност, а ние можевме да внесеме доза на стабилност

Лидерите на најголемите политички групи во Европскиот парламент едногласно го осудија одложувањето на одлуката ЕУ да направи нови чекори во пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.

– На Балканот владее нестабилност, а ние можевме да внесеме доза на стабилност, бидејќи тоа е наша одговорност, предупреди лидерот на групата на Европската народна партија во ЕП, Манфред Вебер.

Тој за време на дебатата во Европскиот парламент оцени дека ниту Северна Македонија, ниту Албанија не ја добиле перспективата што ја заслужуваат.

– Баравме многу од тие земји, а сега вратата им е затворена пред нос. Го губиме кредибилитетот, и тоа е сериозно, порача Вебер.

Тој укажа на фактот дека сите лидери кои доаѓаат од конзервативната Европска народна партија на самитот во Брисел дадоа поддршка за проширувањето, а францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте, кои припаѓаат на либералната опција, биле „сами против сите“.

Гарсија Перес од редовите на европските социјалдемократи оцени дека проширувањето може само да донесе „нов живот“ во ЕУ.

– Внесувањето на Западен Балкан не само што ќе придонесе за стабилност во регионот, туку и стабилност на цела ЕУ, нагласи Перес.

Лидерот на групата на европски либерали, во која се наоѓаат и француски пратеници од партијата на Макрон, Дачијан Цилос изјави дека проширувањето мора да остане во срцето на политиката на ЕУ.

– Не можеме да замислиме силна Европа, а да не е отворена кон соседите, посебно кон оние кои веруваат во неа можеби и посилно отколку некои земји членки, додаде Цилос.

Тој истакна дека „Европа мора да остане мотор на демократски реформи, а нејзината врата отворена“.

Европските Зелени имаа можеби и најостри критики кон францускиот претседател поради одлуката да го блокира отворањето на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Претставникот на Зелените во ЕП, Филип Ламбертс го потенцира јасното определување на земјите од Западен Балкан да пристапат во ЕУ.

Одлуката да не се почитуваат преземените обврски од страна на ЕУ, Ламбертс ја оцени како „сериозна грешка на Европскиот совет“ и побара од Унијата да направи вистинска работа доколку постои политичка волја за тоа.

– Ако се сеќавате, Емануел Макрон го поздравивме како голем Европеец. Но како одминува времето, сфаќаме дека не е ниту голем, ниту Европеец, заклучи Ламбертс.

Се уште актуелните претседатели на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер во своето последно обраќање во Европскиот парламент нагласија дека неединството на земјите членки околу новите чекори во процесот на проширување на ЕУ е „огромна грешка“

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.10.2019 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега