Важен е гласот на младите - ДИК го промовираше првиот Прирачник за млади гласачи

Инклузивен пристап и мотивирање на поголемо младинското учество во сите изборни циклуси е целта на првиот „Прирачник за млади гласачи“ кој го издаде Државната изборна комисија (ДИК) во соработка Мисијата на ОБСЕ. Прирачникот претставува иницијатива за воспоставување на понепосредна и поголема двонасочна комуникација помеѓу ДИК и младите луѓе, со цел на лицата кои за прв пат гласаат да им се обезбеди полесен пристап во рамки на изборните процеси, како и соодветно информирање за нивните права, можности и законски обврски.

Главна цел на ДИК е да ги вклучи сите гласачи во изборниот процес и да ја зголеми свесноста за учеството во општествените активности – истакна потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху на онлајн настанот за промоција на „Прирачникот за млади гласачи“.

„ Голем акцент ставаме на младите луѓе и ќе бидеме особено среќни доколку секој од нив се вклучи во изборните и другите процеси на одлучување во земјата. Како институција веќе правиме напори овој Прирачник да го издадеме и во други форми кои се полесно достапни за младите луѓе. Исто така, во соработка со нашите партнери од Мисијата на ОБСЕ веќе организираме различни иницијални обуки базирани на Прирачникот со кои дополнително очекуваме да го покренеме интересот и знаењата поврзани со потребата од учество на избори, особено на младите генерации. “, посочи Шеху.

Со цел да помогнеме во зголемувањето на учеството на младите, Мисијата на ОБСЕ ги здружи силите со Државната изборна комисија и младинските организации, во изработката на „Прирачник за млади гласачи“, како и програма за подигање на свеста за важноста од учеството на младите во изборниот процес – рече Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

 

„На младите би им порачал: вашиот глас е важен. На вас е да ги внесете своите идеи, вашите грижи и приоритети и вашата енергија во политиката во оваа земја. Иако постојат и други начини да се чуе вашиот глас, како на пример на социјалните мрежи, гласањето е најефективниот начин да се направат политички промени. Особено на локално ниво имате моќ да направите вистинска разлика во управувањето со вашите заедници.“ истакна амбасадорот Која на настанот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски посочи дека младите точно знаат во каков свет и држава сакаат да живеат, што им е потребно, каде сакаат да работат, но и колку сакаат и сметаат дека треба да заработуваат.

„Токму затоа е важно младите да се вклучат и да учествуваат во носењето на одлуки, почнувајќи од користењето на своето право на глас во рамки на изборните процеси. Гласот на младите ќе биде јасна насока какви политики ќе се креираат во однос на нив и нивната иднина. На нашето општество му се потребни младите и тоа е клучното што треба да им го кажеме - потребни сте ни вклучени, активни и влијателни.“, додаде Мојсовски.

Автори на прирачникот се Бојан Кордалов – комуниколог, во својство на независен консултант, Адмир Шабани, раководител на Секторот за едукација при ДИК, како и Нина Шуловиќ – Цветковска и Јасмина Тодоровска – Митева од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Уредничка на Прирачникот е Елизабета Постоловска, а е изработен во рамките на проектот „Поддршка на демократското управување и процесите на инклузија“ на Мисијата на ОБСЕ во Скопје кој се спроведува во соработка со Државната изборна комисија.

Линк до видео од онлајн промоцијата на „Прирачникот за млади гласачи“: https://www.facebook.com/drzavna.izborna.komisija/posts/2264515927017237

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.04.2021 - 20:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа