Васев: Не е точно дека уделот на Мицкоски за хидроцентралите е 7 отсто

Не е точно дека уделот на Мицкоски е само 7 отсто, реагираат од СДСМ по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМЕ, Христијан Мицкоски, кој вчера во интервју за „Макфакс“, рече дека повеќе не е сопственик на удел на хидроцентралите од 7 проценти.

Стефан Васев од СДСМ изјави дека официјалните документи покажуваат оти во втората половина на 2017 година во конзорциумот „Минка-Енерготек“ била направена промена на сопственичката структура, со пренос на уделите.

„Со таквиот пренос, „Енерготек ДОО Скопје“ на Мицкоски во конзорциумот „Минка-Енерготек“ има удел од 99 отсто, додека Минка-ДА ДОО Струмица има удел од само 1 (еден) отсто. Кои се вистинските причини за овој потег на Мицкоски? Од што се плаши Мицкоски да не се открие во овој случај?“, праша Васев.

Тој потсети дека Мицкоски бизнисот со хидроцентрали го добил во време кога е советник на неговиот ментор Никола Груевски.

„Тоа е класичен судир на интереси. Во 2015 година, кога Мицкоски бил советник кај Груевски, конзорциумот во кој удел има Мицкоски, токму од Владата на Груевски добива државно земјиште од речиси 33 илјади квадратни метри за изградба на хидроцентрала“, рече Васев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.10.2019 - 19:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега