Вархеји: Без напредок во спорот со Бугарија, Северна Македонија не може да се надева на отварање на преговорите со ЕУ

Без напредок во спорот со Бугарија,Северна  Македонија не може да се надева на отворање на преговорите за пристапување во ЕУ, порача вчера за време на посетата во Скопје еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

-Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, одговорајќи на прашање на МИА дали е можно отворање на пристапните преговори во јуни и раздвојување на Северна Македонија и Албанија.

За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.

– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји, рече Вархеји.

Тој подвлече дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо, а враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји.

-Договор значи закажување на првите Меѓувладини конференции со Бугарија и С Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како ЕУ работиме сега, рече еврокомесарот Вархеји кој ја предаде првата пратка вакцини против Ковид-19, финансирани од ЕУ на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев одржана во вакциналниот центар  „Борис Трајковски“.

На средбата одржана претходно на Заев со Вархеји во Владата, како што информираа од владината прес-служба, станало збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласил дека Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изразил очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакнал посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и, како што се посочува, ги издвоил резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата.

Австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер, пак, на прес-конференцијата во македонското МНР со вицепремиерот Никола Димитров порача дека треба да се осигура перспективата за шесте земји за членство во ЕУ,  особено, како што нагласи, за Северна Македонија и Албанија.

-Многу бевме горди што во кризата во март минатата година одлучивме проширувањето да оди. И сега треба да се направи наредниот чекор. Немам разбирање за тоа некои земји овде да ги блокираат стремежите на интеграцијата. Немам разбирање за тоа овој процес да биде запрен и конкретно да има отпор од Бугарија. Јас имам целосна поддршка и целосна доверба во португалското претседателство. Јас пред неколку недели бев таму и разговаравме дека треба да продолжиме натаму, истакна Едштадлер. 

Таа смета дека Македонија и Албанија треба заедно да го продолжат пристапниот процес кон ЕУ оти раздвојувањето на двете земји во тој процес може да биде ризично и тоа, вели, треба да се спречи. Затоа таа се надева дека прашањето со Бугарија ќе биде надминато.

-Се надевам дека, исто така, Северна Македонија ќе остане конструктивна и активна и ќе влијае проблемот да се реши, да се дојде до меѓувладина конференција за двете земји, истакна авриската министерка за Европа и Устав која уште еднаш ја понуди помошта од Австрија како еден вид посредник за решавање на проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија.

Вицепремиерот Димитров вели дека ставот за нераздвојувањето на двете земји во пристапниот процес е став на многу земји членки на Унијата.

-Како што сега го чувме ставот на Австрија, вчера имавме прилика да го чуеме и ставот на Германија преку министерот Хајко Мас, а пред неколку дена го имавме и словачкиот претставник во ГАК со истиот став. Мислам дека огромно мнозинство земји членки имаат став дека двете земји ги исполнуваат условите и оти е крајно време да имаме две меѓувладини конференции и за Северна Македонија и за Албанија, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања одговарајќи на истото прашање.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на заедничката прес-конференција завчера во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, во врска со можноста  Македонија и Албанија да се разделат на патот кон ЕУ, беше дециден дека раздвојувањето на двете земји не е став што го споделува Берлин.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работнатa посета на Кралството Данска, вчера од неговиот колега, министерот за надворешни работи, Јепе Кофод доби поддршка за евроинтеграцијата на земјата.

Како што соопшти МНР, Кофод ги поздрави остварените резултати на нашата Влада со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакна нужноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели. Данска останува силен поддржувач на евроинтегративните перспективи на Република Македонија, порача Кофод  со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.

Министерот Османи посочи дека Македонија испорача на сите полиња и заслужува валоризација на остварениот напредок. Формалниот почеток на преговорите, нагласи тој, е само симболичен почеток на долгиот пат на трансформација, но важен сигнал и неопходно охрабрување до целиот регион кој ќе го зацврсти кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.05.2021 - 07:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега