Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, упати сериозна порака до македонските власти, предупредувајќи дека земјата е пред голем предизвик кој може да ја чини европската иднина. Во интервју за „Еуроњуз Бугарија“, Вајц нагласи дека доколку Владата не го искористи актуелниот моментум, Македонија ризикува трајно да ја пропушти можноста за забрзан напредок кон Европската Унија.

Според европратеникот, проблемот не е само вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот, туку и видливиот застој во реформската агенда во последната година. Вајц е дециден дека преговарачката рамка е финална и не може да биде предмет на повторно преговарање.

„Корупцијата е рак на општествата. Сè уште очекуваме видливи подобрувања во областа на владеењето на правото и независноста на судството“, изјави Вајц, забележувајќи дека во моментов не гледа доволна политичка волја за суштински промени.

Финансиските ризици се реални – доколку не се спроведат реформите, Македонија може да остане без 47 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, средства кои би можеле да се пренасочат кон соседните земји. Вајц предупреди и на поширокиот регионален контекст, каде земјите од Западен Балкан колективно би можеле да загубат преку 700 милиони евра доколку не ги исполнат обврските до средината на годината.

Како една од ретките светли точки, Вајц го посочи договорот за изградба на Коридорот 8, проект со стратешко значење за економијата и безбедноста. И покрај сегашната ситуација, европратеникот смета дека сè уште постои теоретска можност земјата да се приклучи кон пакетот за членство со Албанија и Црна Гора во текот на овој мандат, но тоа, како што истакна, зависи исклучиво од политичката сериозност на домашните власти.

Exit mobile version