В понеделник нов протест за женските права: „Држава што не постапува е држава што силува“

В понеделник на Меѓународниот ден на жената со почеток во 15 часот ќе почне петтиот Марш за женски права.

Како што е најавено, протестниот марш под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“ ќе почне пред Министерството за внатрешни работи.

– Заеднички ќе упатиме порака дека не можеме да бидеме слободни кога сè уште се бориме за нашите работнички права, достоинство и почит, и живееме под закана од насилство и системска дискриминација. Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба” и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство, дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања. Тоа се: ЈО неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба” кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство, кривичен прогон на администраторите на групите, како и на сите членови кои праќале и сѐ уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени, во Кривичниот законик да се регулира сексуалното вознемирување преку интернет и да се обебеди професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции – велат организаторките на маршот.

Претходно жените излегоа и на протест со кој побараа надлежните институции да постапат за скандалот со групата „Јавна соба“ на Телеграм каде се објавуваа експлицитни фотографии и видеа, лични податоци, адреси, дури и броеви од девојки од Македонија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.03.2021 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа