Утрово најниска температура е измерена на Попова Шапка, каде термометарот покажа -2 степена. Според податоците на УХМР до 8:30 часот, максимални 8 степени се евидентирани во Скопје на Зајчев Рид, Велес, Кавадарци и Гевгелија.

Во останатите градови температурите се движеа од 0 степени во Берово, до 7 степени во Тетово, Куманово и Демир Капија. Во Битола, Скопје-Петровец, Прилеп и Струмица се измерени 6 степени.

Во однос на врнежите во изминатите 24 часа, најмногу дожд наврна во Крива Паланка – 4 литри на метар квадратен. Помали количини се забележани во Пожаране, Крушево, Маврови Анови, како и во Охрид, Претор и на Попова Шапка.

Времето денеска ќе биде променливо облачно, со услови за слаб локален дожд претпладне во западните делови, додека попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој на места ќе надминува 60 километри на час. Максималната температура ќе се движи од 13 до 21 степен.

Во Скопје слично време со максимална температура до 19 степени. Претпладне ќе има услови за слаб дожд, а во делови од котлината ќе дува повремено засилен северен ветер.

Exit mobile version