Утре почнува грејната сезона - скопјани ќе се разбудат со топли радијатори

Поради падот на надворешните температури од утре, 7 октомври, започнува грејната сезона 2021/2022 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ.

За ден 7.10.2021 година, се создадени надворешни услови за производство и испорака на топлинска енергија. Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозата за средна дневна температура од  11,8˚С за Скопје за 7.10.2021 година од Управата за Хидрометеролошки работи.

Во моментов во 103 колективни станбени објекти, кои се приклучени на системот за централно греење, сè уште не се отстранети пречките кои се во надлежност на потрошувачите и заедниците на станари за да може грејната сезона  да започне навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено. Во околу 40 објекти не е обезбедено напојување на топлинската станица со електрична енергија, а во 63 не се отстранети дефектите во внатрешната грејна инсталација или истото не е пријавено во Центар за грижа за потрошувачи на Снабдување со топлина Балкан Енерџи.

Снабдување со топлина Балкан Енерџи постојано контактира со потрошувачите и Заедниците на станари за отстранување на пречките, со цел грејната сезона да стартува навремено и испораката на топлинска енергија да се одвива непречено. Затоа во изминатиот период повеќе од 1300 потрошувачи се телефонски контактирани и испратени се повеќе од 430 писмени ивестувања до потрошувачите и до Заедниците на станари.

Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици за ставање во функција на сите објекти дополнително ќе придонесе за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.

За сите неопходни информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во нашиот Центар за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи

06.10.2021 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега