Православните верници утре, 27 септември, го слават големиот празник Крстовден, односно Воздвижението на чесниот крст, кој се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос и неговото враќање од Персија во Ерусалим.
Празникот потсетува на историскиот настанот кога бил ископан Светиот крст на Голгота, а поради неговата чудотворност во народот е познат и како животворен крст. Во текот на годината се одбележува двапати, на 18 јануари и на 27 септември.
Според традицијата, на овој ден верниците се придржуваат кон строг пост на леб и вода, во согласност со народната поговорка: „Кој со крст се крсти, тој Крстовден го пости“. Во некои краишта постои и обичај овој ден да се испоти со јадење само грозје и леб.
Во црквите традиционално се осветуваат босилек, грозје, жито и јаболка. Осветениот босилек се чува покрај иконите како света билка за која се верува дека ја чисти душата и ја уништува негативната енергија, додека јадењето грозје симболизира плодност и бериќет.
Народот со векови пренесува и бројни обичаи и верувања. Така, се верува дека луѓето родени на овој ден на своите плеќи ја носат сенката на Светиот крст и се особено одговорни пред Бога. Меѓу староседелските обичаи е и премачкувањето на добитокот со катран во форма на крст за заштита од болести, како и верувањето дека змиите се повлекуваат бидејќи мируваат на Крстовден.
Покрај тоа, се верува дека времето на овој празник ја отсликува целата идна година: – Ако е облачно на Крстовден, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, следната година ќе биде суво. – Ако до Крстовден ластовичките не заминат на југ, нема да биде многу студена зимата. – Тивкиот дожд на Крстовден предвидува блага зима. – Грмотевица на Крстовден навестува плодна година. – Ако на Крстовден е облачно, зимата ќе биде снежна. Ако денот е ведар, тогаш зимата ќе биде сува и студена.
Според народното верување, ноќта спроти Крстовден Бог слегува на земјата и ги исполнува желбите на луѓето, па се верува дека сите искрени молитви ќе бидат слушнати.


