Православните верници утре, на 4 декември, го одбележуваат големиот празник Воведение во храмот на Пресвета Богородица, во народот познат како Пречиста.

Празникот го означува моментот кога тригодишната Марија, придружувана од нејзините родители Јоаким и Ана, за првпат влегла во храмот во Ерусалим, исполнувајќи го нивниот завет да ја посветат на Бога.

Иако имало 15 скали пред храмот, Марија сама се искачила до врвот, каде ја пречекал првосвештеникот Захарија.

Захарија ја вовел Марија не само во храмот, туку и во Светињата над светињите — просторија во која влегувал само поглаварот еднаш годишно.

Марија служела во храмот девет години и останала првата девојка што дала доживотен завет за девственост, пример што подоцна го следеле илјадници вернички.

Празникот има посебно значење за жените, а во минатото постоело верување дека оние кои бараат потомство треба да се помолат и да преноќат во црква.

Бидејќи се паѓа во време на Божиќниот пост, според црковниот устав, утре е дозволено консумирање риба и масло.

Exit mobile version