Исланд нема да учествува на Евровизискиот натпревар за песна 2026 поради учеството на Израел, објави денес исландскиот јавен радиодифузен сервис RUV, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за емитување на натпреварот.

„Од јавната дебата во земјата и реакцијата на одлуката на Европската радиодифузна унија (EBU) минатата недела, јасно е дека нема да има ниту радост ниту мир во врска со учеството на RUV на Евровизискиот натпревар“, се вели во соопштението.

Исландскиот јавен радиодифузен сервис додаде дека сè уште не одлучил дали телевизиската станица ќе го емитува фестивалот.

„Учеството на израелскиот национален радиодифузен сервис, Кан, на натпреварот создаде неединство меѓу членовите на Европската радиодифузна унија (EBU) и пошироката јавност“, соопшти исландскиот радиодифузен сервис RUV, според Би-Би-Си.

Исланд стана петтата земја што се повлекува поради контроверзноста околу учеството на Израел, по Шпанија, Холандија, Ирска и Словенија.

Рокот за земјите да го потврдат своето учество на Евровизискиот натпревар за песна во 2026 година истекува денес.

На состанокот на членовите на ЕБУ минатата недела, беше одлучено дека Израел нема да биде исклучен, и покрај критиките за војната во Газа и политизацијата на натпреварот.

Во соопштението на ЕБУ не беше експлицитно споменат Израел, но беше потврдено дека нејзините членови покажале „јасна поддршка“ за новите измени и дека „нема потреба од понатамошно гласање“ за тоа кој ќе може да учествува.

Минатиот месец, ЕБУ ги претстави реформите во својот систем на гласање насочени кон зголемување на довербата и транспарентноста, мерки кои добија огромна поддршка на состанокот во Женева денес.

Според ревидираните правила, индивидуалните гледачи ќе бидат ограничени на 10 гласови наместо претходните 20, а публиката ќе биде охрабрена да ја распредели својата поддршка на повеќе учесници.

Исто така, професионалните жирија ќе бидат вратени за полуфиналните рунди, заедно со гласањето на јавноста.

ЕБУ забележува дека радиодифузерите сега ќе мора да го потврдат своето учество на натпреварот следната година во Виена, а целосниот список на учесници ќе биде објавен пред Божиќ.

Exit mobile version