Уште 55.990 вакцини на „Фајзер“ пристигнаа во Србија

Во Србија денеска пристигна редовната достава на вакцините „Фајзер-Бионтек“, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Испорачан е контингент од 55.990 дози вакцина против Ковид-19.

Претходно, РТС објави дека комисијата на Српската академија на науките и уметностите за следење на пандемијата на коронавирус апелира до граѓаните што побрзо да се вакцинираат, сметајќи дека ова е најефикасниот и сѐ уште најбезбедниот и најбрзиот начин за борба против пандемијата.

Во Белград во тек е имунизација без закажување со вакцината на „Астра Зенека“. Од петокот биле вакцинирани околу 1.000 луѓе.

Д-р Светлана Мишиќ за РТС изјави дека е доволно граѓаните да донесат лична карта и да бидат здрави.

Таа вели дека вакцината е подобра од болеста и ги повика граѓаните да ја искористат можноста да се вакцинираат без да закажат термин.

Српското лекарско здружение, пак, соопшти дека добива информации дека одзивот за вакцинација против коронавирус почнува да слабее.

„Епидемијата трае предолго, веќе однесе многу животи, доведе до сериозни нарушувања во функционирањето на здравствената служба, исцрпеност на здравствените работници, до сериозни нарушувања во лекувањето на пациентите кои страдаат од други болести, до тешки последици врз економијата, образованието, културата и сите други општествени активности и до осиромашување на веќе ограничените материјални ресурси, сето тоа со непредвидливи последици“, се наведува во соопштението.

Посочено е дека е сосема сигурно дека масовната вакцинација е единствениот начин да се стави епидемијата под контрола.

„Српското лекарско здружение ги повикува граѓаните да не наседнуваат на бесмислени информации што неодговорни луѓе ги пласираат на социјалните мрежи и во одредени медиуми и да се вакцинираат со која било вакцина одобрена од Агенцијата за лекови на Република Србија“, се наведува во соопштението.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.03.2021 - 14:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега