Уредничка на Телма повикана од обвинителство и МВР на распит за необјавена вест

Полициски службеници во два наврати на лична адреса ја барале уредничката на Телма, Весна Јовановска Дојчиновска, по наредба на обвинител, за да учествува во распит за информација која воопшто не е објавена на ТВ Телма и на дигиталните сервиси на телевизијата.

Текстот на Телма го пренесуваме во продолжение:

По вторпат, член на семејството на новинарката ја примил поканата за распит кој се однесува на кривична постапка во која се опфатени други луѓе, а ниту обвинителството ниту полицијата не провериле дали спорната содржина е објавена на Телма.

Покрај тоа, ТВ Телма во допис го има известено надлежниот инспектор на СВР Скопје кој работи по наредба на обвинител на ОЈО-Скопје, дека на спорниот датум (28.02.2022.)  воопшто нема таква содржина објавена во вестите коишто ги уредувала Дојчиновска-Јовановска.

Станува збор за кривична пријава за дело „Предизвкување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и друга дискриманторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик, која Марјан Арсовски ја има поднесено против Љубомир Фрчковски.

По пријавата, обвинителот на предметот, повикувајќи се на пријавителот дека спорната содржина е објавена на Телма (што воопшто не е точно) издал наредба до МВР да се испитаат кривичните наводи, да се обезбедат снимки од вестите на 28.02.2022. во 15:30 и во 18:30.

Телевизија Телма по добивање на барањето на почетокот на мај веднаш одговори на припадникот на МВР задолжен за предистражната постапка дека не постои и нема таква информација објавени на вестите на Телма на посочениот датум.

Во наредбата на обвинителот е наведено и дека треба „да се утврди кој бил уредник на вестите во 15:30 и 18:30 часот на ден 28.02.2022., а потоа со истиот да се обави службен разговор на околности во врска со поднесената пријава“.

Иако е испратен прецизен одговор дека не постои таква информација во објавите на ТВ Телма (доставено е и ЦД со снимките на вестите); и полицискиот службеник и обвинителот продолжиле да бараат нешто што не постои односно откако ги дознале податоците за уредничката во конкретниот ден и за нејзината адреса, испратиле покана преку полициски службеници кои во два наврати во неделата и понеделникот биле на адресата и ја барале Јовановска-Дојчиновска (која во еден од тие термини беше на работното место и беше уредник на викенд вестите на ТВ Телма).

25.05.2022 - 20:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега