Европската Унија мора веднаш да ги суспендира исплатите кон Украина поради сериозните извештаи за корупција, побара денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Пред состанокот со колегите од ЕУ во Брисел, Сијарто упати остри критики кон плановите за нови финансиски пакети, нарекувајќи ја ситуацијата „луда“.

„Во Украина постои воена мафија и корумпиран систем, а претседателот на Европската комисија, наместо да ги запре исплатите и да бара итни финансиски проверки, планира да испрати уште 100 милијарди евра во Украина. Ова е лудо“, изјави Сијарто.

Реакцијата на Будимпешта доаѓа по информациите за истрага за наводен заговор од 100 милиони долари за контрола на договори во украинската државна нуклеарна агенција, скандал што веќе резултираше со смена на двајца министри.

Унгарскиот министер оцени дека перспективите за Киев не се позитивни.

„Времето не е на страната на Украина. Илузија е да се каже дека е така“, додаде тој.

Сијарто нагласи и дека Унгарија ќе ги поддржи мировните иницијативи на американскиот претседател Доналд Трамп.

Exit mobile version