Учениците од основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Драчево денеска беа во посета на Град Скопје, каде што се сретнаа со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. На средбата се разговарало за секојдневните обврски на градоначалникот, за градот и за одговорноста кон заедницата.

Ѓорѓиевски истакна дека е изненаден од размислувањата на младите ученици и нивниот интерес за Скопје.

„Денот ми започна со насмевки, искрена детска радост и енергија која потсетува зошто вреди секој вложен напор.

Утрово, во Град Скопје ги пречекавме учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево, Кисела Вода.

Во топла и пријатна атмосфера се дружевме, разговаравме за работата на градоначалникот, за градот, за одговорноста кон заедницата и за тоа како заедно го градиме Скопје во кое тие ќе растат, ќе учат, ќе создаваат и ќе ги остваруваат своите соништа.

Морам да признаам дека искрено ме изненадија со прашањата што ми ги поставија, со начинот на кој размислуваат и со љубовта што ја покажуваат кон својот град.

И убеден сум дека токму ова се генерациите кои ќе останат тука, ќе создаваат тука и ќе го прават Скопје уште поубаво место за живеење.

Денес тие ќе ја посетат и Зоолошката градина, каде преку едукативна настава ќе имаат можност одблиску да се запознаат со животинскиот свет, со значењето на грижата за природата и со важноста да растат како одговорни, љубопитни и хумани млади луѓе.

За овие дечиња вреди секој труд, секоја борба и секој вложен напор.

Тие се мојата инспирација и нашата најголема иднина.

Затоа вложуваме и ќе продолжиме да вложуваме, со јасна визија, со искрена грижа и со силна посветеност за нивниот развој, безбедност, образование и благосостојба.

Другарчиња, ми беше чест!“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава.

Exit mobile version