Убијците на Саздо добија по 19 години затвор - Еден сеуште во бегство

Судот денеска ги прогласи за виновни напаѓачите на Никола Саздовски Саздо, па им пресуди по 19 години затвор или вкупно 38 години затвор на Бесир Беља и Скендер Демири.

Судот одлучи дека се виновни зошто заеднички и на свиреп начин го лишиле од живот младиот Саздовски, а пресудена им е вкупна затворска казна од 38 години.

Обвинетите ќе ги платат и трошоците на кривичната постапка. Право на жалба имаат во рок од 15 дена.

Ниедна мајка не треба да го закопа својот син. Казната, за жал, е толкава колку што ја предвидел законот. Во Македонија нема поголема казна за лица до 20 години. Меѓутоа, за нас како родители и за мене лично и илјада години да беше казната, односно нема земски суд што би определил вистинска казна за ова дело, истакна таткото на убиениот Никола Саздовски, Тони Саздовски по пресудата во Кривичниот суд на обвинетите за убиството на неговиот син.

– Не можам да кажам дека не сум задоволен како што има шпекулации во јавноста дека во Македонија воопшто нема правда. Од ова видовме дека колку толку правдата може да биде задоволена и се надевам дека некој повисок суд нема да ја преиначи, туку ќе ја остави истата, истакна Саздовски.

Од друга страна се огласи и братот на Беља.

-Видовме дека се уште нема правда во Македонија, ова е премногу и е еднострана пресуда, истакна Бесар Беља денеска пред Судот.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата напаѓачи кои беа казнети денеска се наоѓаа во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за трето осомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, е распишана домашна и меѓународна потерница.

Таткото на Саздо порача на родителите на обвинетите да го кажат третиот сторител осомничен кој е во бегство, бидејќи, како што рече, сигурен е дека тие знаат кај се наоѓа, да го кажат и да не дозволат нивните деца сами да останат во затвор, туку како нивни соучесник и тој да сноси дел од вината за делото што го направил.

– За Никола веќе нема враќање. Тие сите што го знаеја, а го знаеја многу луѓе, знаеја дека тој не беше насилник, сакаше да другарува со сите, рече Саздовски.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.04.2019 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега