Полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи денеска го лишиле од слобода М.Ш. (39) од село Челопек, Тетовско.
Според МВР, на 2 август околу 19:20 часот, тој со автомобил „голф“ со тетовски регистарски ознаки се движел во спротивна насока на автопатот Скопје–Велес. Случајот беше објавен и на социјалните мрежи, каде што очевидци споделија фотографии од возилото.
По целосно документирање на случајот, против 39-годишникот ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Тој ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител.
Од МВР повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите со цел да се спречат опасни ситуации и да се зголеми безбедноста на патиштата.


