Полициските службеници спречија обид за илегален премин на македонско-грчката граница. Синоќа во близина на граничниот премин Богородица е приведен 51-годишен маж од Гостивар, кој во моментот придружувал група странски државјани.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, приведениот се товари за помагање на странски државјани при недозволен излез од државата, а фатените мигранти веќе се згрижени.
„На 19.05.2026 во 22:30 часот, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица го лишија од слобода Т.Х.(51) од Гостивар, со живеалиште во Скопје. Околу 21:40 часот, при опсервација на терен, забележана е и спречена група од пет лица – турски државјани и Т.Х., кој им бил придружба, при обид илегално да ја преминат границата од Р.С. Македонија кон Република Грција“, информира МВР.
Турските државјани веднаш по приведувањето се префрлени и сместени во прифатен центар за странци.
Од полицијата додаваат дека по целосно документирање на случајот против Т.Х. ќе биде поднесена соодветна пријава по член 211 од Законот за странци – „помагање на странец при недозволен излез“.


